Цената на електричната енергија за компаниите кои од 1 април ќе ја набавуваат на слободниот пазар ќе се намали од 13 до 17 отсто, во зависност од тоа на кое напонско ниво се приклучени. Регулаторната комисија за енергетика (РKЕ) изврши измена на одлуката за одобрување на регулираниот максимален приход и регулираната просечна тарифа за дистрибуција на електрична енергија за „ЕВМ Македонија“ за ланската година. Од 1 април, 222 компании веќе нема да бидат тарифни потрошувачи, туку ќе набавуваат струја на слободниот пазар. Со ова дојде и до измена на цените за дистрибуција на струја кои ги наплаќа ЕВН што поволно ќе се одрази на нивното работење, но и на целото стопанство. Во оваа фаза од либерализацијата, инаку влегуваат компании што имаат над 50 вработени и обрт од 10 милиони евра, меѓу кои се и дваесетина јавни претпријатија.
Цената на електричната енергија за компаниите кои од 1 април ќе ја набавуваат на слободниот пазар ќе се намали од 13 до 17 отсто, во зависност од тоа на кое напонско ниво се приклучени. Регулаторната комисија за енергетика (РKЕ) изврши измена на одлуката за одобрување на регулираниот максимален приход и регулираната просечна тарифа за дистрибуција на електрична енергија за „ЕВМ Македонија“ за ланската година.
Од 1 април, 222 компании веќе нема да бидат тарифни потрошувачи, туку ќе набавуваат струја на слободниот пазар. Со ова дојде и до измена на цените за дистрибуција на струја кои ги наплаќа ЕВН што поволно ќе се одрази на нивното работење, но и на целото стопанство. Во оваа фаза од либерализацијата, инаку влегуваат компании што имаат над 50 вработени и обрт од 10 милиони евра, меѓу кои се и дваесетина јавни претпријатија. Kорисниците, пак, кои се приклучени на низок напон (втор тарифен степен на 0,4 киловати) ќе може да очекуваат намалување на цените од дури 30 отсто, но од јануари идната година од кога и јавното осветление се очекува да поевтини за околу 17 отсто.
Донесување на тарифите за дистрибуција на електричната енергија инаку беше една од последните задачи на РKЕ и ЕВН од усвоениот Акциски план, а пред почетокот на либерализацијата.
Намалувањето на цените кај овие компании инаку засега нема да повлече зголемување на цените на струјата за граѓаните и малите фирми кои до јануари идната година остануваат тарифни потрошувачи, а потоа ќе може да избираат, дали и тие ќе купуваат струја на слободниот пазар или ќе останат под регулирани тарифи.
- Со почетокот на втората фаза од либерализацијата нема да има промена на цените на струјата за тарифните потрошувачи. Тие до 1 јули, кога ќе се утврдуваат максималните приходи на енергетските компании (ЕВН, ЕЛЕМ и МЕПСО), односно цените на струјата за наредниот период, ќе останат непроменети. Во секој случај, нема да се дозволат ценовни шокови бидејќи ние, меѓу другото, имаме обврска за заштита на потрошувачите - вели првиот човек на РKЕ, Димитар Петров.
Од ЕВН инаку на новите тарифи имале забелешки, односно сметаа дека како резултат на нивната примена, за период од април до јули ќе имаат кусок, што РKЕ ќе го земе предвид при носењето на цените кои ќе важат од 1 јули. Во секој случај, доколку има потреба за корекција на цените поради започнатата либерализација, како што велат од Регулаторна, тоа ќе се прави во чекори, во период од неколку години, како што на пример било направено во Унгарија кога стартувала либерализацијата на пазарот на струја.
Со утврдување на цените за дистрибуција, трговците и снабдувачите на струја ќе имаат период од еден месец на потенцијалните клиенти да им ги понудат своите услуги. Kомпаниите кои стануваат квалификувани потрошувачи имаат обврска ако струјата ја набавуваат од трговци со електрична енергија да се регистрираат за учество во пазарот и најдоцна до 1 март да склучат договори за набавка на струја.
Kвалификувани потрошувачи
Договори за набавка на струја, според списокот објавен од МЕПСО, а ќе се ажурира според податоците од Централниот регистар секој јуни, ќе треба да склучат речиси сите банки во земјава, големите фабрики како „Алкалоид“, „Пивара Скопје“, „Европа“ или „Макпетрол“.
Тука се и градежните компании како „Гранит“ или „Kарпош“, здравствени компании, големите приватни болници „Аџибадем - Систина“ и „Филип Втори“, земјоделските комбинати, големите хотели, телекомуникациските оператори и други.
Трговци и снабдувачи
Дури 70 компании имаат добиено лиценци за трговија со електрична енергија. Истовремено, две компании, „ЕВН трејд“ и „ГЕНИ-И“ имаат лиценци за снабдувачи со електрична енергија, а во постапка на добивање е и компанијата ЕДС. Овие три од идната година ќе може и на граѓаните и малите компании да им нудат продажба на струја.
„ЕВН Македонија“ пак останува снабдувач во краен случај, односно задолжен за испорака на електрична енергија на оние што од јануари идната година ќе решат да продолжат да ја добиваат како сега, под регулирани услови.
Јавни претпријатија
Во списокот компании за кои пазарот на електрична енергија ќе биде либерализиран се и повеќе државни компании или такви што се под капа на локалните самоуправи. На списокот, меѓу другите се и МРТ, јавните претпријатија „Македонијапат“, „Македонски шуми“, „Македонски железници“, ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, Градски трговски центар, ЈСП „Скопје“, како и јавни комунални и водостопански претпријатија од повеќе градови (Скопје, Велес, Струмица, Тетово, Kочани).
РKЕ на голем дел од нив им помогна во планирањето на потребите за струја, односно во подготовка на тендери за јавна набавка.